Европскиот суд за човекови во Стразбур (ЕСЧП), постапувајќи по предметите за процесот на лустрација во Северна Македонија, досега има донесено шест пресуди против нашата држава. Во меѓувреме постапува и по три други предмети.
Владиниот агент за застапување на Република Северна Македонија, пред ЕСЧП, Даница Џонова, за МИА изјави дека, освен за овие предмети, не може да даде други информации дали постојат и други апликации на оваа тема.
Според Џонова, државата прв пат дознава за поднесени апликации тогаш кога тие ќе бидат доставени на одговор.
„Од моментот на нивно поднесување до моментот на нивно доставување одговор за државата може да поминат години. Вкупниот износ на обесштетување од шесте досегашни пресуди изнесува 32.400 евра“, вели Џонова.
Моментално пред ЕСЧП, како што истакна таа, во тек се постапките за предметите за лицата Владимир Милчин, Кирил Псалтиров и Николче Бабовски.
Првата пресуда на судот во Стразбур против процесот на лустрација во Северна Македонија, беше за поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски, објавена во јануари 2016 година. Три месеци потоа оваа одлука стана правосилна.
Потоа следеше пресудата за Петар Карајанов, објавена во 2017 година. Една година потоа беа објавени две пресуди, за Исак Ајрули и за Никола Костурски.
Последните пресуди беа објавени во 2019-та, во септември за Драги Билески и во ноември за поранешниот пратеник на ПДП, Сефедин Харуни.
Поранешниот судија на Уставниот суд, Трендафил Ивановски, одговарајќи за МИА на прашањето дали со донесување на Законот за поништување на лустрацијата ќе се исправи неправдата кон него и другите лустрирани лица, изјави дека единствено што остана од тој процес се последиците.
Според Ивановски, иницијативата за донесување на Законот за поништување на лустрацијата беше еден несериозен обид.
„Пред избори тоа е сериозно прашање. Треба да се има една политичка клима, волја за да им да даде извинување на овие луѓе, кои беа жртва на овој процес на лустрација, каде што нивните права беа погазени. Донесувањето на овој закон е неопходност, обврска. Став на Европската Унија и на сите други меѓународни организации, Стејт департманот и целата наша јавност беше дека овој процес беше забеган процес, овој процес што се спроведе не беше лустрација, туку беше за кастрација на здравиот разум“, рече Ивановски.
Тој, меѓу другото, истакна дека самиот процес доколку биде поништен на некој начин ќе значи задоволување на правдата и нагласи дека без одговорност на Комисијата за лустрација, или пак на другите органи, без утврдување на нивна вина, само едно извинување од страна на државата, (иако е корисно) нема да ги задоволи сите барања на овие луѓе што се онеправдани.
Владата на Република Северна Македонија на редовна 172 седница, одржана на 24 декември 2019, го утврди текстот на Предлог на закон за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.
Со новото предложено решение, се пристапува кон отстранување на штетните последици по лицата кои беа жртви на овие постапки пред Комисијата за верификација на факти, пред надлежните судови и пред другите органи, и согласно Предлог законот, за оштетените лица од наведените акти и дејствија, се предвидува надоместок на штета.
Последните настани во Комисијата за политички систем не најавуваат дека овој закон ќе се донесе пред 12 февруари, кога е предвидено да се распушти Собранието. Предлог-законот беше на дневен ред на собраниската Комисија за политички систем и односите меѓу заедниците, но поради немање кворум и неприсуство на пратеници од ДУИ, од Демократската партија на Турците (ДПТ) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ седницата беше одложена.
За шестгодишното работење, Комисијата за лустрација прогласи за кодоши околу 200 лица, а речиси половина од нив беа починати. Таа беше формирана во 2009 година, а беше укината на 1 септември 2015 година.
Граѓанскиот сектор од областа на правосудството и човековите права е со став дека освен поништување на правните последици и обесштетување не неправедно лустрираните лица, во Законот за поништување на лустрација треба да се предвиди и одговорност на Комисијата за спроведување а лустрацијата.
„Многу од лустрираните немаат само лични тажни приказни, и нивните фамилии беа нарекувани со разни имиња. Освен на уставниот судија што му престана функцијата, на другите не. Етикирањето дека некој е кодош во нашето општество донесе многу негативни последици. Не само за самите луѓе, туку и за нивните семејства, тие треба да се обесштетат не само материјално, туку и нематеријално. Не гледаме каква било пречка Јавно обвинителство да разгледа дали имало злоупотреба и нешто да преземе во оваа насока. Без разлика што Комисијата не постои веќе, се знае кој беа членови на таа комисија. Посебно што и Управен суд ги има вратено дел од предметите како несоодветни постапки спроведени, истакнаа од Блуепринт Групата.
Инаку, освен ЕСЧП, и Управниот и Вишиот Управниот Суд во земјава донесоа одлуки за 80 предмети од лустрацијата. Тие се вратени на почеток. Но, овие случаи повторно не се разгледувани затоа што Комисијата за утврдување на факти беше распуштена во 2017 година.







