Скопското јавно обвинителство покрена обвиниение против Љупчо Палевски за убиство и грабнување на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
Обвинителниот акт денес бил доставен до Кривичниот суд во Скопје.
Обвинителството поднесе и предлог за спроведување единствена постапка против Палевски и уште четири лица кои претходно беа обвинети. Станува збор за Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов за убиство и две кривични дела – грабнување, и за таткото на Вања, Александар Ѓорѓиевски, кој е обвинет за грабнување.
Судењето се очекува да започне наскоро.
Според обвинителството петтемина, Палевски, Видевски, Манев, Кешишов и Ѓорѓиевски заедно го испланирале грабнувањето на 14-годишната Вања Ѓорчевска со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.
„На 22.11.2023 година, обвинетиот заедно со уште тројца обвинети заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило ‘цитроен’ за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано ‘Рудник’ во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри“, наведуваат од Обвинителството.
Во соопштението се додава дека на 27.11.2023 година, обвинетите, помогнати од таткото на Вања Ѓорчевска, го грабнале девојчето во влезот од зграда на улицата „Наум Наумовски Борче“ во Скопје. Ја врзале и ја однеле во близина на местото викано „Дупки“, во атарот на селото Бразда, па таму на свиреп начин, со умисла го убиле девојчето.
Обвинителниот акт содржи предлог за продолжување на притворот за Палевски, кој беше екстрадиран во Македонија од Турција.
(Фото: Дојче Веле)







