Од октомври стартува евтината тарифа на струјата, мерка што ја вети Владата пред изборите, соопшти денеска премиерот Зоран Заев.
Мерката, посочи Заев, ќе чини осум милиони евра, нема да влијае никако на покачување на цената на струјата, туку ќе базира исклучиво на заштедите на ЕЛЕМ и МЕПСО. Исто така, не била временски детерминирана, ниту се косела со европската регулатива, а најголем бенефит од неа ќе имале посиромашните.
„Исполнуваме уште една преземена обврска од Програмата на Владата со која се олеснува животот на граѓаните. Ја враќаме евтината тарифа на струјата. Tаа станува реалност. Мерката ќе чини осум милиони евра. Тие пари ги враќаме на граѓаните. Кога ја креиравме Програмата на Владата во фокус ни беа потребите на граѓаните без исклучок. Зацртавме задача дека еден од приоритетите на Владата ќе биде намалувањето на трошоците за живот и враќање на парите кај граѓаните. Си поставивме цел – справување со енергетската сиромаштија и враќање на евтината тарифа на струјата. До октомври ќе бидат подготвени сите услови за спроведување на мерката“, истакна Заев.
Исполнувањето на должностите, дополни тој, е прашање на честа и на интегритетот на оваа Влада, но во исто време и прашање на вредности, како и на почит кон сите македонски граѓани.
„Се посветивме и ги спроведуваме сите определби предвидени во владината Програма до 2020 година и од тоа нема отстапување, зборот е збор. Во Македонија може да се живее добро ако заедно и посветено се заложиме да ги оствариме идеите за достоинство на сите. Владините мерки водат само во една насока – живот за сите во Македонија, живот во секој дом. Така почнавме, така и ќе продолжиме“, потенцираше Заев.
Заев, одговарајќи на новинарско прашање за да ги образложи проектираните осум милиони евра за евтината тарифа на струјата, подвлече дека заштедата е возможна зашто ќе се работи чесно и посветено за бенефит и добро на граѓаните. Поскапување на струјата, посочи, може да има само ако расте цената на електричната енргија на берзата.
„Ако тенденцијата на светско ниво е пораст на цената на струјата, веројатно ќе има импликации и тука. До 1 јули 2018 година нема да има корекција на цената, ниту има очекувања дека цената на струјата ќе расте, рече Заев.
Според него мерката се базира исклучиво на заштедите на ЕЛЕМ и МЕПСО, со тенденција и ЕВН да направи дополнителни напори во рационализација на своето штедење.
„Цената на ископот на јагленот во минатото била 134 – 167 денари. Утре има лицитација со почетна цена 89 денари па надолу, а тоа е 100 отсто заштеда. Тендерот е на 800 милиони или околу 13,5 милиони евра, објасни Заев, додавајќи дека е посебно среќен што оваа мерка најмногу ќе ја почувствуваат посиромашните граѓани.







