Премиерот, Зоран Заев, попладнево се сретна со европратениците од Групата на Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите во Европскиот парламент: Виктор Боштинару, Тања Фајон и Тонино Пицула.
„Европратениците од групата на СД во ЕП соопштија дека се тука да дадат безрезервна поддршка на евро-интеграциските процеси во Република Македонија. Тие изразија охрабрување до премиерот Заев, Владата и сите политичко-општествени чинители во Македонија за решавање на прашањата што се наоѓаат на патот на оваа важна цел за Република Македонија. Европратениците Боштинару, Фајон и Пицула го оценија како важен успешниот реформски процес во земјава во изминатите неколку месеци, по мудрото надминување на политичката криза, а ги поздравија и интегративните политики на премиерот Заев и на Владата, како меѓуетнички, така и во политичка смисла, за градење едно општество за сите, што се на линија на европските вредности“, соопшти владината прес-служба.
Исто така, на средбата било констатирано дека за Република Македонија е значајна и интеграцијата во НАТО, којашто гарантира стабилност, а со тоа и прогрес на економски план, а безбедност и стабилност, како што беше речено, ѝ се потребни и на Европската Унија.
„Остваривме две третини од реформскиот план 3-6-9, а водиме и политики на пријателство и дома и во регионални рамки. Нашите очекувања се дека ваквите чекори на Владата водат кон тргање на условеноста на препораката за почнување преговори на Македонија со ЕУ, а во скоро време добивање и датум за преговори. Исто така отвораат и НАТО перспективи. Ја имаме меѓународната поддршка, а за Република Македонија беше и останува важна поддршката на СД, рече премиерот Заев.







