Откако на 6 февруари земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала ги погоди Турција и Сирија, при што загинаа повеќе од 50.000 луѓе, се појавија милиони објави на Твитер во кои се споделуваат информации, фотографии и снимки од катастрофата.
Но, Би-Би-Си откри дека некои од тие објави погрешно го обвинуваат ХААРП, моќен предавател од Алјаска, во САД, за предизвикување на земјотресите.
ХААРП е кратенка за High Frequency Active Auroral Research Program. Основана е од американската армија во 1990 година, а од 2014 година ја води Универзитетот во Алјаска „Фербенкс“.
Предавателот се користи за проучување на јоносферата, област каде земјината атмосфера се „сретнува“ со вселената.
Дезинформации за ХААРП-от
После земјотресот се зголеми бројот на „единствени“ профили кои на Твитер поставуваат објави за ХААРП.
Истражувањето на Би-Би-Си покажало дека тој бил спомнат повеќе од 550.000 пати.
Во една од тие објави, авторот прашува: „Што навистина се случи во Турција…“, а веднаш потоа дава „точен одговор“… „Користена е геоинженерска модификација за временски прилики – ХААРП!“.
Друг корисник сподели видео од птици велејќи дека животните „чудно се однесувале“ пред земјотресот, а потоа се прашува дали Турција била „нападната со ХААРП-от?“.
Луѓето објавуваа и фотографии од облаци, лажно тврдејќи дека тие се појавиле во Турција пред да се случи земјотресот и дека ги создал ХААРП.
Џесика Метјус, програмска менаџерка на ХААРП, изјави за Би-Би-Си:
„Истражувачката опрема на локацијата не може да предизвика или да ги засили природните катастрофи“.
Арон Ридли, професор за климатски и вселенски науки на Универзитетот во Мичиген, се согласува со тоа:
„Не постои ниту еден научен доказ дека ХААРП-от може да ги контролира временските прилики“.
Ова не е прв пат ХААРП да биде погрешно обвинет за предизвикување природни катастрофи.
„Предмет на теории на заговор со години, програмата ХААРП редовно се споменува како главна причина за многу природни катастрофи, и покрај фактот дека научниците и експертите редовно ги соборуваат таквите тврдења“, вели новинарот на Би-Би-Си од Одделот за борба против дезинформациите, Шајан Сардаризадех.
Што прави ХААРП-от?
ХААРП првично беше основан за да го истражува влијанието на јоносферата на воените и цивилните комуникациски и навигациски системи.
Пречките настанати по природен пат во јоносферата може да ги попречуваат радио сигналите што се емитуваат од Земјата, кои се од суштинско значење за многу форми на модерна технологија, вклучително и ГПС сателити, Ви-Фи системи и вселенски и радио комуникации.
„Во јоносферата можете да добиете турбулентни процеси… кои можат да ги апсорбираат радио брановите и комуникацијата после тоа повеќе не е можна, радио сигналите едноставно се губат во јоносферата“, вели професорот Ридли.
Овие нарушувања е тешко да се предвидат, па научниците од ХААРП користат високофрекфентни радио предаватели за да загреат мали делови од јоносферата и да создадат услови слични на оние што се случуваат во природата за да можат да ги проучуваат.
Џесика Метјус истакнува дека овие процеси не предизвикуваат временски феномени.
Радио брановите во фреквентниот опсег што го емитува ХААРП, вели, не се апсорбираат во двете нивоа на атмосферата кои ги произведуваат земјените временски услови.
Дејвид Хајсел, професор по вселенските науки на Универзитетот Корнел, се согласува дека ХААРП не може да влијае на времето.
„Тие две работи не спаѓаат во иста реченица и едноставно нема врска меѓу нив“, дециден е тој.
Други теории на заговор во врска со ХААРП-от
„Теориите на заговор просто дивеат на социјалните мрежи после која било катастрофа“, вели новинарот на Би-Би-Си, Шајан Сардаризаде.
Кога во 2022 година поплави го погодија бугарскиот град Карлово, на социјалните мрежи лажно се тврдеше дека обилните врнежи ги предизвикал ХААРП.
ХААРП беше, исто така, погрешно обвинет за смртоносните поплави во Кина и за масовните шумски пожари во Турција во 2021 година.
Откако во 2022 година ураганот Иан ги погоди Карибите и југоисточниот дел на САД, повеќе лажни тврдења за ХААРП ги преплавија социјалните мрежи.
Земјотресот во Турција и Сирија е најновиот поттик за лажни тврдења, но секако не и последен.
„Старите теории често се рециклираат како дополнителен доказ за веќе претходно демантираните тврдења, со цел да се зајакне ставот на оние кои веруваат во нив и да се добијат нови следбеници“, вели Сардаризаде.







