Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници денеска излегоа на протестен марш преку кој го изразија нивното незадоволство од нападите врз новинарите и снимателите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедните услови во кои работат новинарите, снимателите и медиумските работници, лошата социо-економска состојба.
Пред да започне маршот пред присутните се обрати претдседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски. Тој, во името на новинарите, упати порака до политичаите дека „Вака веќе не може”.
„Законите важни за медиумите не се спроведуваат, јавните функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите. Државниот ‘Пи-ар’ ја зема работата на новинарите снимателите, фоторепортерите… Владата создаде најголема редакција. Државните институции и нивите директори имаат проблем да сфатат дека не е транспарентност кога со денови чекате одговор, а добивате извесен ‘памфлет’ за објава. Локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување. Безбедноста на новинарите не е на ниво на кое би сакале да биде”, истакна Чадиковски.
Новинарската професија, смета Павле Беловски, претседателот на синдикатот, повеќе никој не ја почитува, а новинарите се потценувани и навредувани. Повеќе, вели, нема да молчат.
„Не молчевме и кога проникнуваше новинарството, ни кога не тепаа, затвараа, кога ги губевме работните места. Создадовме џин кој нема да молчи и нема да ја крие вистината”, посочи Беловски во своето обраќање пред колегите.
Патем, додаде дека условите во кои работат мора да се подобрат, бидејќи има се помалку кадар. Поради ниските плати и лошите услови, новинарите се повеќе го напуштаат новинарството.
Протестниот марш започна од „Илинденска“, од пред Владата и заврши пред Собранието.
(Фото: МИА)







