„Предметите на СЈО може да преминат во Јавното обвинителство и за тоа има законска основа“, смета академик Владо Камбовски кој учествува на консултациите во Министерството за правда за новиот закон за јавното обвинителство.
„Државниот јавен обвинител има овластување според уставната поставеност на Јавното обвинителство која е заснована на хиерархиска субординираност, да презема предмети од други обвинителства. Тоа решение треба да се реализира и според мое мислење предметите треба да се доделат на обвинителите од СЈО“, рече Камбовски.
Друга варијанта, според него, е Специјалното јавно обвинителство да се спои со Обвинителството за организиран криминал и корупција, да се избере нов специјален обвинител и СЈО да продолжи да ги води предметите.
Камбовски смета дека СЈО ја одиграло својата улога во еден транзициски период и отворило многу предмети, но сега со реформите во правосудниот систем, Јавното обвинителство се оспособува ефикасно да го гони криминалот и високата корпуција.
Решение е потребно бидејќи, посочува Камбовски, според Законот за СЈО, на 15 септември истекува мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која е приведена, а само таа може да делегира и одзема овластувања на обвинителите во СЈО.







