Од вчеравечер до денеска утринава во Словенија падна енормно количество дожд – најголеми врнежи се забележани на подрачјето на јужното подножје на Јулиските Алпи.
Таму во текот на ноќта паднале меѓу 100 и 200 литри на метар квадратен.
„Тоа е количина на врнежи за цел месец, додека во приморските делови и во Бела Краина (област во југоисточна Словенија долж границата со Хрватска) не падна ниту капка.
Разликите во Словенија се многу големи, некаде имаме сериозни проблеми, а на други места сметаат дека предупредувањето е издадено неоправдано“, изјави метеорологот Бране Грегорчич за Радио Словенија.

„Го заостривме предупредувањето за денес, па сега е вклучен црвен метеоаларм за северниот дел на Словенија, каде што до вечер се очекуваат пообилни врнежи.Тежиштето на врнежите ќе се движи од запад кон исток“ додаде тој.
Според неговите зборови, врнежите ќе почнат да слабеат дури во сабота, а ќе престанат во ноќта кон недела, кога се очекува да помине уште еден брз налет, што не треба да направи поголеми проблеми.
„Добрата вест е што времето следната недела ќе се стабилизира, во понеделник во внатрешноста ќе има малку врнежи од дожд, од вторник ќе биде сончево, а во втората половина од неделата повторно ќе биде топло, блиску до 30 Целзиусови степени“, предвидува Грегорчич.
Од вчера вечерта во Словенија се евидентирани стотина противпожарни интервенции поради поројните поплави предизвикани од обилните врнежи.Евакуирани се три кампа, а неколку села се отсечени.
Поплавите ги зафатија Горењската и Корушката котлина.
Во Корушка многу патишта се затворени за сообраќај, реките веќе ги преминаа своите корита, многу куќи и подруми се поплавени, а предизвикани се и бројни лизгања на земјиштето, изјавија денеска за СТА од Управата за заштита и спасување во Словенија.
Општина Солчава моментално е отсечена од светот.
„Ситуацијата се менува од минута во минута, мостот кај Дравоград е затворен, многу е тешко да се стигне до некои населени места.
Многу жители на Корушка се заробени во своите домови и повикуваат на помош бидејќи водата ги поплавува“, информираат од гореспоменатата управа.

Во Словењ Градец веќе двапати мораа да ја вклучат сирената поради излевање на реката Суводолница.Противпожарната бригада тешко доаѓа до локалното население бидејќи реката Межа го поплави центарот на градот, а многу е висок и водостојот на Драва во Дравоград.
„Ги советуваме сите што ќе се јават на 112 да останат дома, по можност да одат на повисоките катови, заради сопствената безбедност“, велат од Регионалниот центар за заштита и спасување на Словенија.
Командантот на цивилната одбрана на Западна Штаерска, Јанез Меланшек, денеска за СТА изјави дека повеќето патишта во Горно Савињска долина се непроодни, а до општина Солчава воопшто не може да се стаса.
Реката Савиња се излеа од коритото, а во текот на денот се очекуваат проблеми со излевање на реката во месноста Лашко, кое е, наводно, поплавено.
Регионалниот информативен центар во Целје ги вклучи сирените поради големата опасност од поплави.
Обилните врнежи предизвикаа излевање на водотеците и лизгање на земјиштето во многу области на Горењска.
Командантот на цивилната заштита за Горењска, Клемен Шмид, за СТА објасни дека моментално најтешко погоденото подрачје е Шкофје Лока.
„Цела Горењска е под вода“, накратко ја сумираше ситуацијата Шмид.
На граѓаните им се препорачува да не излегуваат од дома, дури ни на работа, освен во случај на итна потреба, бидејќи многу патишта во општината, вклучително и приодите кон Полјанска Долина од правец на Шкофје Лока, Церкно и Жирово се непроодни поради поплавите, паднатите дрва и одроните.
Исто така, на граѓаните им се препорачува да се држат настрана од водотеците, да ги следат временските услови и да се грижат за сопствената безбедност и безбедноста на своите најблиски.
Од Жирово информираат дека се поплавени повеќе од 100 објекти, меѓу кои и неколку фирми и стопански објекти.Сообраќајот на патот во моментов е ограничен или оневозможен, а сите достапни противпожарни и други единици за итни случаи се на терен.
Според податоците на Сообраќајно-информативниот центар за државни патишта, во Горењско затворени се многу магистрални и регионални патишта.
И покрај зголемениот проток на Драва, ноќните врнежи од дожд во областа Подравје се уште не предизвикаа поголеми проблеми, но во општина Марибор и општините Дуплек, Старше и Птуј веќе е активирана сирената за предупредување.
Како што изјави за СТА шефицата на мариборската подружница на Управата за заштита и спасување, во девет општини биле извршени околу 40 интервенции.
(Фото: Дејан Јаворник / Дело)







