„Подобро е да немаме директор во меѓународната организација СЕЛЕК, отколку да имаме со криминално досие и да ни се смее цела Европа“, рече денеска министерот Оливер Спасовски на прес-конференција.
Според него, функцијата на Јакимовски во СЕЛЕК е лоша репутација за Македонија, па дури имајќи го предвид и тоа дека треба да се почитува пресумцијата на невиност.
„Никој никого не обвинува, но во организација што се бори против организиран криминал и корупција да имаме ваков човек е недозволиво. Најмалку што се очекува е да се повлече самиот. Сепак, за лице обвинето за дела за кои е обвинет тој, не може да се очекува такво нешто“
Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи
Спасовски потврди дека во МВР постојат двојни идентитети за работи на службата, но овој случај со Горан Грујевски сè уште се испитува и засега тој нема да открие детали.
Објаснувајќи ја претходната состојба во МВР, Спасовски спомена и тоа дека на началнички места досега имало и дипломирани стоматолози.







