„Предвремените избори се неминовни по она што се случуваше во земјата“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Тој нагласи дека следуваат предвремени избори, по кои, како што рече, ќе следи обновата на државата и бескомпромисна работа со цел „Македонија да ја ставиме на брза лента“.
„Имаме нова реалност. Реалноста е дека на 3 јануари 2020 година ќе имаме нов технички премиер, ќе имаме нова техничка влада, а на 12 април 2020 ќе имаме победник на предвремените парламентарни избори, а тоа ќе биде, сигурен сум, Обновата за Македонија“, рече Мицкоски.
Во однос на промената на Изборниот модел, Мицкоски не е оптимист дека ова прашање може да се реши за овие избори.
„Кога зборуваме за нов изборен законик, сигурен сум дека во периодот којшто следува препораките што се на ОБСЕ/ОДИХР ќе бидат дел од новиот изборен законик кој ќе важи за следните избори. Доколку ме прашувате за ревидирање на изборниот модел, не сум оптимист дека нешто може по тоа прашање да се случи за овие избори. За некои следни, може“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со пописот тој го потенцираше ставот на партијата, дека бил јасен, конзистентен и непроменет и оти според нив оваа статистичка операција треба да се одржи во 2021 година.
(Фото: МИА)