Американски воен авион В-22 Оспреј (V-22 Osprey) со осум лица се урна денеска утрово по средноевропско време во близина на остров во западна Јапонија, соопшти јапонската крајбрежна стража.
Портпаролот на крајбрежната стража изјави дека распоредиле патролни чамци и авиони недалеку од Јакушима, но немал повеќе детали за несреќата.
Портпаролот на американските сили во регионот истакна дека се уште собираат информации за падот на авионот.
Несреќата се случила околу 14.47 часот по локално време во близина на аеродромот на островот, а очевидци велат дека левиот мотор на авионот бил запален за време на спуштањето, јавуваат јапонските медиуми, повикувајќи се на локалните власти.
„Авионот исчезна од радарите во 14.40 часот по локално време“, изјави главниот секретар на јапонската влада, Хироказу Мацуно.
Американски „Оспреј“ се сруши во август во близина на брегот на северна Австралија додека превезувал војници за време на рутинска воена вежба. Тогаш загинаа тројца американски маринци.
Уште еден се урна во океанот кај јапонскиот остров Окинава во декември 2016 година, што доведе до тоа американската војска привремено да ги приземји авионите од тој тип.
Авионот со нагибен ротор, кој може да лета и како хеликоптер и како авион со фиксни крила, го користат американските маринци, американската морнарица и јапонските сили за самоодбрана.
Распоредувањето на „Оспреј“ во Јапонија беше контроверзно, а критичарите велат дека хибридниот авион е склон кон несреќи. Меѓутоа Американската војска и Јапонија се со поинаков став. Од таму се децидни дека леталата од овој тип се безбедни.
(Фото: Илустрација / УС Арми)







