Претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев, е во официјална посета на Израел, денеска во Ерусалим имаше работен ручек со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Израелскиот премиер Нетанјаху по средбата на Твитер напиша дека со Заев разговарале за продлабочување на соработката меѓу Израел и Македонија.
Двајцата премиери имаа заедничка прес-конференција во Ерусалим на која информираат за содржината на разговорите.
„Ние сме пријатели во добро време и лошо време, во врнежливи денови, сончево време и во екот на пожарите. Возбудени сме за нашата иднина, ќе зборуваме за различни области на соработка – рече Нетанјаху, потсетувајќи испратиле хеликоптери за гаснење на пожарите кои ја зафатија нашата територија.
Тој дополни дека го цени пријателскиот однос на Македонија кон Израел, како и поддршката во светски рамки.
Заев рече дека се залага за соработка со Израел пред се на две области, а тоа е соработка за безбедност, одбрана и зачувување на светскиот мир, како и соработка за технолошки развој.
Македонскиот премиер во текот на денов треба да се сретне и со лидерот на опозицијата Исак Херцог.
Заев во Израел, каде престојува на покана на неговиот израелски колега Нетанјаху, го придружува владина и бизнис делегација.
За време на посетата, одделни средби со своите колеги од Израел, ќе имаат и министрите за внатрешни работи, за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Во текот на вчерашниот ден, премиерот Заев имаше средба со израелскиот претседател Руевен Ривлин. Демократската и реформска Влада во Македонија отвора можности за интензивирање на безбедносната и економска соработка со Израел, заклучиле на средбата Заев и Ривлин.







