Околу 47.000 жени и девојки, односно околу пет жени на час, ќе бидат убиени во семејна средина ширум светот во 2025 година, соопштија денеска Обединетите нации по повод Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жените.
Според проценките на ОН, бројот на жени и девојки убиени од страна на интимен партнер или член на семејството останува сличен веќе неколку години и се движи меѓу 45.000 и 51.000.
Минатата година биле извршени 78.000 намерни убиства на жени, при што 60 отсто од нив претставувале фемициди извршени од страна на роднини, се наведува во извештајот на ОН.
Терминот фемицид се однесува на убивање на жени и девојчиња врз основа на пол.
Вкупната бројка од 47.000 жени и девојки убиени од страна на интимен партнер или член на семејството – проценка изведена врз основа на анализа на статистички податоци од 122 земји и територии – значи дека секој ден има 129 жртви.
Обединетите нации ја нагласуваат „итната потреба да се осигура дека превенцијата од семејно насилство ги зема предвид како интимните врски, така и односите во рамките на пошироките семејни структури“.
Иако ниту еден регион не беше поштеден, најголемиот број жртви на фемицид повторно е забележан во Африка (22.100), по што следуваат Азија (15.100), Америка (7.400), Европа (2.100) и Океанија (300).
Во извештајот исто така се посочува дека, додека стапките на убиства на глобално ниво се намалуваат, стапките на фемицид опаѓаат побавно, особено во Америка и Европа.
ОН сметаат дека „овие злосторства се длабоко вкоренети во општествените норми и родовите стереотипи“.
Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жените се одбележува секоја година на 25 ноември.
Извор: Данас







