Претседателот на Република Франција го одликува писателот, академик Луан Старова со орденот „Легија на честа“. Орденот ќе му биде врачен во Скопје на 11 април.
Старова е носител и на високото француско одликување „Командант на уметностите и книжевностите“ од 2000 година, а двете одликувања ги доби за неговиот голем придонес во развојот на француско-македонските односи во периодот кога беше прв амбасадор на Република Македонија во Франција, како и за подоброто разбирање на регионот во критичните години на последната декада на минатиот век.
Во француската култура и книжевна јавност академик Луан Старова привлече внимание со објавувањето на неговата позната балканска книжевна сага, кај издавачот „Фајар“, што француската книжевна критика ја вброи во редот на „големите европски романи“, денес објавувана на дваесетина јазици во светот.
Луан Старова е член на Европската академија, редовен член е на Македонската академија на науките и уметностите, член е на Медитеранската академија од Неапол, почесен член на Албанската академија на науките и член на научното друштво „Лајбниц“ од Берлин.







