Пожарникарите во Австралија се борат со стоина шумски пожари ширум континентот, а пожарите се шират и на нови локации, што поредизвика и нови предупредувања дека за некои жители веќе е доцна да се евакуираат.
Чад од пожарите стаса и до Сиднеј, а житечите се предупредени децата да не ги пуштаат надвор, пренесува Ројтерс.
До попладнево, десетини пожари беснееја ширум југоистокот на државата Викторија, каде температурите во Мелбурн достигнуваа 40,9 степени, што е воедно и најтопол ден од 1894 година, соопшти метеоролошката служба на Австралија.
Властите ги предупредија граѓаните од градовите кои се наоѓаат северно од Баларт дека за нив е веќе доцна безбедно да се евакуираат.
„Во опасност сте. Работете на тоа да се заштитите. Предоцна е да се евакуирате. Најбезбедна опција е веднаш да најдете засолниште“, соопштија надлежните служби.
До сега во пожарите настрадаа четири лица, а опожарени се милион хектари тревнати површини и шуми и уништени се повеќе од 400 куќи.
Иако дури за десет дена официјално почнува летото, екстремно високите температури и силните ветрови ги поттикнуваат пожарите.
Пожарите направија проблеми и во снабдувањето со електрична енергија, така што многу домови во државата Викторија останаа без струја.
Прв пат во последните 10 години властите издадоа Црвен аларм, кој значи дека условите се најлоши, дека пожарот бргу распламтува и дека не може да се колнтролира.








