Меѓу Македонија и Албанија нема отворени прашања. Двете држави имаат заедничка цел, а тое е Европската унија.
„Правосудството и темелните права се клучни за реформите. Токму поради тоа неопходно е двете држави во наредниот период да ја интензивираат соработката и да разменат искуства, идеи и мислења. Убеден сум дека двете влади имаат волја заеднички да ги решаваат проблемите. Зајакнувањето на правните системи, како и зголемувањето на ефикасноста на правосудниот систем ќе придонесе да се достигнат меѓународните стандарди на двете земји“, рече македонскиот министер за правда, Никола Тупанчески, кој заедно со заменик-министерот, Агим Нухиу, се во дводневна посета на Тирана.
Тупанчески и Нухиу остварија средба со министерот за правда на Албанија, Улси Мања.
На заедничката прес-конференција министрите Тупанчески и Мања информираа за реформите во правосудниот систем на двете држави и процесот на пристапни преговори за членство во ЕУ.
Мања истакна дека процесот на ветинг, кој, според него, бил исклучително сложен, дал позитивни резултати. Дури, рече, оти 60 отсто од судиите и обвинителите ја напуштиле функцијата, поради неможноста да го докажат потеклото на имотот.
Тупанчески го информираше Мања и за процесот на регистрација на бугарски здруженија во нашата држава и мерките што ги презема Министерството за правда за подготовката на Законот за здруженија и фондациии.
На средбата, како што се наведува, било отворено и прашањето за правата на малцинствата во Албанија со посебен акцент на примената на Законот за малцинства на Република Албанија.
Двајцата министри се договорија соработката на билатерално ниво во периодот што следи да се интензивира уште повеќе.
(Фото: МИА)







