Полициски службеници од СВР Скопје денеска влегоа во општина Карпош по допрен глас дека од просториите се изнесува документација.
На самото место, како што информира МВР, е констатирано дека во моментот на проверката не се изнесува никаква документација.
„Од извршениот разговор со градоначалникот Стевчо Јакимовски утврдено е дека тој се подготвувал за изнесување на личните предмети од сопствениот кабинет со цел подготовки за примопредавање на функцијата. Личните предмети се уште се наоѓаа во кабинетот.
„Бидејќи не е потврдено сознанието и постоење на сомнение за сторено кривично дело “фалсификување или уништување на деловни книги” од член 280 од КЗ на РМ, поради кое СВР Скопје постапувало, по извршениот разговор, полицајците се повлекле од самото место, наведуваат во соопштението на МВР.
Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски денеска изјави дека полициски екипи Алфи влегле во општина Карпош, а причина било изнесување документи и предмети од општината, кои како што тврди, се лични работи од неговиот кабинет.
„Некој на моите колеги им дојавил дека примопредавање на должноста треба да биде денеска во 13 часот. И од тие причини тие почнале да пакуваат тоа што се наоѓа во мојот кабинет, неселективно вклучувајќи пехари, благодарници, пијалок итн. Јас таму имам лични предмети.
„Нормално е дека треба да се одвои што е на општината, а што на лично име, како и лични документи, слики, подароци затоа што тука сум бил 8,5 години, изјави Јакимовски.
Според него, сите документи, се што е важно за локалната самоуправа, се наоѓаат во архивата и додаде дека општина Карпош има и електронска архива.
Рече дека непотребните предмети ќе бидат фрлени во контејнери во близина на општината.







