Полицијата од вчера е влезена во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој по налог на Обвинителството за организиран криминал и ја одзеде целата документација поврзана со одлуката за доделување неповратни средства за македонски компании.
Од обвинителство велат дека се работи за предистражна постапка и не можат да даваат повеќе информации.
На 23 јули Основното обвинителство по допрен глас од објавите на медиумите оформи предмет за евентуални злоупотреби при доделувањето грантови.
Од обвинителството тогаш соопштуваат дека преземаат дејства за утврдување на факти во предметот, а во врска со евентуални сторени кривични дела во постапката по јавен повик за финансирање проекти во рамки на третиот столб од Планот за економски раст – прв инвестициски бран.
На 13 јули, Владата додели 10,5 милиони евра грант на 79 микро, мали и средни компании, преку владините мерки за економски раст. Јавноста реагираше дека компании во кои косопственици се вицепремиерот Кочо Анѓушев и пратеникот од СДСМ Хари Локвенец добиле државна помош.
Грант од 160.000 евра доби „Каст инвест“ во коспоственост на Анѓушев, а 162.000 евра доби и прилепската печатница „Гинис“, чиј косопственик е Локвенец. По реакциите во јавноста Анѓушев и Локвенец побараа косопствениците на нивните фирми да ги вратат грантовите.
И снаата од син на Цветанка Ласкова, советничката на премиерот Заев, за проектот „Декодирај ме“ добила грант од 330.000 евра за фирма формирана пред само еден месец. Ласкова во коментар на социјалните мрежи изјави воопшто не била запознаена со проектите на Фондот.
Заев вчера изјави дека нема да побара оставки од функционерите чии фирми добија грантови од Фондот за иновации и технолошки развој, затоа што, според него, тие се повлекле и не го кршеле законот.
Директорот на Фондот Јован Деспотовски рече дека ќе ги повика компаниите на кои им е одобрен грант самите да дадат изјава дали во сопственичката структура имаат носител на јавна функција или близок член на семејството и дека рокот за тоа е 15 дена.
Тој кажа дека ако има вакви компании, потоа ќе побара од комитетот кој одлучува за проектите повторно да ги разгледа и да се види дали тие ги исполнуваат критериумите.







