Шарл Мишел, претседател на Европскиот совет, во петок ќе допатува во официјала работа посета на Северна Македонија, потврдија за МИА високи дипломатски извори од Брисел.
Мишел ќе оствари средби со владини функционери и со претставници а политички партии, на кои се очекува да се разговара за новата методологија на преговарање, како и за текот на реформскиот процес во земјава.
Претседателот на Европскиот совет, пред околу еден месец во интервју за неколку европски весници, оцени дека до мај, кога ќе се одржи Самитот на Европската унија во Загреб, треба да биде јасно како ќе изгледа реформата на Унијата и дали тоа би било формален услов за согласност за ЕУ да ги почне преговорите со Северна Македонија и Албанија.
Посетата на првиот човек на Европскиот совет, доаѓа десетина дена откако во Скопје допатува еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување, Оливер Вархеји, кој ја потврди европската перспектива за Западен Балкан и најави дека повторно ќе биде побаран почеток на преговори за Северна Македонија, за што ќе одлучува Советот во март.
Вархеји, исто така, потенцираше дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.
Минатата недела, пак, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека овие шест месеци ќе бидат клучни за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан и најави дека ЕК до крајот на месецот се очекува да излезе со новата методологија за проширување.







