Британскиот принц Хари, помладот син на претстолонаследникот, принцот Чарлс, и покојната Дијана, призна денеска дека во еден период размислувал да се повлече од кралското семејство.
Во интервју за неделеникот „Меил он Сандеј“ Хари изјави дека размислувал и да се откаже од титулата што му следува според раѓањето и да стане само обичен, британски граѓанин.
„Сепак на крајот решив да останам и да ја задржам понатаму улогата што ми припаѓа, посочи 32-годишниот принц.
Хари е петиот во редот на претендентите на британскиот престол, по татко му, постариот брат принцот Вилијам и неговите две деца – Џорџ и Шарлот.
Во интервјото тој признава дека престојот и работата во редовите на британската армија бил период на „најдоброто бегство кое било кога го направил“.
Младиот принц два пати, во сосема кусо време во разговори за два весника-американскиот неделник „Њузвик“ и сега британскиот, поконзервативен весник “Меил“, зборува за своите дилеми како дел од кралското семејство, но и за неговата улога и позиција во општеството.
Хари интакнува дека кралското семејство не сака да биде група од познати и популарни лица во јавноста, туку дека сакаат и настојуваат нивната улога (во општестово) да биде за општото добро на луѓето.
Десет години принцот Хари беше во редовите на армијата, а на два пати на служба во Авганистан, во базата „Бастион“ во провинцијата Хелманд, една од најопасните во оваа средноазиска земја.
Мораше да се повлече од базата и службата во армијата, откако медиумите открија дека еден од членовите на посадите на хеликоптерите „Апачи“ е британскиот принц.
Во неделеникот „Њузвик“, Хари минатата недела тврдеше дека никој од семејството не е во трка за британскиот трон, забележувајќи дека „никој не сака да биде крал или кралица“.







