Премиерот Зоран Заев рече дека припадници на навивачката група „Комити“, кои беа уапсени на насилните протести против промена на името минатиот месец, рекле дека проруски бизнисмени плаќаат за насилствата.
Во МВР засега без одговор против колку луѓе е отворена истрага за сомнежите дека странски бизнисмени плаќаат за „насилнички дејствија“ во пресрет на референдумот за Договорот за името кој треба да биде одржан на есен.
Министерот Оливер Спасовски изјави дека не мисли да води истрага преку медиумите и оти сега не може да каже ништо.
„Што било да имаме, ниту ќе можеме, ниту смееме, ниту, пак, е потребно тоа да го водиме преку медиумите и како истрага да ја спроведуваме преку медиумите. Кога ќе имаме што било да соопштиме, што е во фаза на можност да биде соопштено, тоа ќе го направиме“, рече Спасовски.
Премиерот Зоран Заев во интервју за Базфид претходно изјави дека „грчките бизнисмени“ им плаќале на македонски државјани меѓу 13 и 21 илјади долари за вршење „насилнички дејствија“ за да спречат промена на името и членство на Македонија во НАТО.
„Јас зборувам од тоа што го слушам во извештаите што ги добивам. Момчињата од ‘Комити’ кои нападнаа полицајци беа повикани во полиција да дадат исказ, па споменуваа дека бизнисмени од Русија давале пари и поради тоа тие се тука, тие немаат ништо против и слично“, рече Заев.
Заев не го открива името на бизнисмените кои давале пари поради истрагата која е во тек, но и поради чувствителноста на дипломатските односи. Тој вели дека полицијата дознала за исплатите по приведувањето на неколкумина учесници во насилните протести пред македонското Собрание минатиот месец.
Полицијата соопшти дека по протестите против промената на името пред Собранието во Скопје на 17 јуни, на кои учествуваа и членови на навивачката група „Комити“, биле приведени 26 лица.









