Украинското Министерство за одбрана соопшти дека од руски брод била истрелана ракета кон група украински бродови во Керчковиот премин.
Како што е наведено, оштетен бил еден брод и еден припадник на морнарицата бил повреден, а од украинските бродови било одговорено со оган.
Руските медиуми и руското Министерство за одбрана, за сега, не се огласија по овој настан.
Русија спречи три бродови на украинската морнарица да влезат во Азовското море преку Керчкиот мореуз така што под мостот бил поставен голем товарен брод, јавија денеска руските медиуми.
Малку време пред тоа Русија и Украина меѓусобно се обвинија за кршење на меѓународниот закон откако руски граничари се обиделе да запрат украински бродови да пловат околу Крим на пат кон матичното пристаниште.
Руската телевизија „Русија 24“ јави дека преминот под мостот преку Керчковиот мореуз недалеку од Крим во потполност е блокиран.
Исто така, според информациите, во зоната на конфликтот Русија испратила борбени авиони Су-25 заради дополнителна сигурност.







