Војната во Украина влезе во својот 259 ден.
Обединетите нации ветија дека во скоро време ќе ги отстранат ограничувањата за извоз на руско жито, изјави првиот заменик претставник на Русија во ОН, Дмитриј Пољански.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, смета дека пристапувањето на Украина во Европската унија ќе трае колку и нејзиниот распад.
Вчера од Херсон исплови последниот траект со евакуирани жители.
„Сите оние кои сакаа да преминат на левиот брег, а не успеаја, треба тоа да го направат сами“, изјави Кирил Стремусов, заменик-шеф на администрацијата на областа Херсон.
Тој посочи дека враќањето на десниот брег не е можно.
Стремоусов додаде дека сега започнува многу тешка фаза за градот и повика по секоја цена да се спасуваат животите.

Украина доби два противвоздушни ракетни системи. „Системите ‘Насамс’ и ‘Аспиде’ пристигнаа во Украина“, соопшти украинскиот министер за одбрана, Алексеј Резников, на својот профил на Твитер. Претходно американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, изјави дека Вашингтон работи на испорака на два системи „Насамс“ во Украина во ноември.
Тревоги за опасност од воздух е издадено во Кировоградскиот, Полтавскиот, Сумскиот, Черкаскиот, Черниговскиот и Дњепропетровскиот регион, според податоците на Министерството за дигитален развој на земјата.
„Во регионот на Киев се воведени вонредни рестрикции на струјата, ситуацијата во енергетскиот систем е напната“, соопшти прес-службата на градскиот совет на Киев.
Снабдувањето со електрична енергија и вода во Херсон, прекинато поради диверзијата на 6 ноември, е делумно обновено, информираше регионалната администрација.
Украинските власти одлучија да национализираат голем број компании во сопственост на украински олигарси, меѓу кои „Укрнафта“, „Укртатнафта“, „АвтоКраЗ“ и „Мотор Сич“, а акциите на овие компании ќе станат државна сопственост, пишува весникот „Економска правда“, повикувајќи се на извори во Националната комисија за хартии од вредност и малцинските акционери на „Укрнафта“.
Национализираната сопственост на компаниите доби статус на воена сопственост, соопшти претседателот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Алексеј Данилов. Тој додаде дека управувањето со овој имот е префрлено на Министерството за одбрана.
Регионот Запорожје се префрла од гривни на рубља
Зоната со двојна валута, областа Запорожје, ќе престане да функционира на 1 јануари 2023 година. Од тогаш единствената официјална валута ќе биде руската рубља, информираше Владимир Рогов, член на главниот совет на администрацијата на Областа Запорожје.
„Од 1 јануари 2023 година, зоната со двојна валута ќе престане да функционира.
Гривната веќе нема да се прифаќа. Единствената официјална валута ќе биде руската рубља. Гривната ќе влезе во историјата“, рече Рогов.
Во моментов во оваа област се користат две валути, покрај руската рубља, во оптек е и украинската гривни.
Кремљ: Русија останува отворена за преговори со Украина
Русија е подготвена да преговара со Украина, но во моментов нема начин разговорите да продолжат, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Во повеќе наврати кажавме дека руската страна останува отворена за да ги постигне своите преговарачки цели, но исто така постојано им зборуваме на сите дека во овој момент не гледаме таква можност, затоа што во Киев се е претворено во закон за непродолжување на било какви преговори со руската страна“, им „објасни“ Песков на новинарите.
Коментирајќи го написот на „Вашингтон пост“ за преговорите на САД со Киев за поттикнување на дијалогот со Русија, Песков додаде дека не знае дали тоа е вистина, дека има и вистинити извештаи, но пред се шпекулации.
„Не знаеме дали е тоа вистина или не, бидејќи повторувам, има и вистинити извештаи, но пред се извештаи кои се апсолутни шпекулации или чиста лага. Затоа, не можеме да коментираме, со оглед на тоа што не сме сигурни дека тоа е точно“, рече портпаролот.
Претходно „Вашингтон пост“, повикувајќи се на лица упатени во разговорите, објави дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден приватно бара од украинското раководство да покаже отвореност за преговори со Русија.
Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, претходно потпиша указ за стапување во сила на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина за неможноста да се водат преговори со претседателот на Русија. На крајот на октомври рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Русија е подготвена за преговори за Украина и го повика Киев веднаш да ги прекине сите борбени дејствија.







