Лекарката педијатар која била дежурна на Клиниката за гинекологија, ноќта кога починале четири бебиња, со одлука на дисциплинската комисија е парично казнета и и’ е определен надзор од друг лекар. Комисијата одлучила да и биде одземена и субспецијализацијата од неонатологија.
Суспендираната лекарка поради отсуство од операционата сала шест месеци ќе зема плата помала за 30 отсто и ќе работи во прва смена под надзор на друг специјалист.
Комисијата за стручен надзор при Министерството за здравство, пак, утврди дека не е направена стручна грешка од страна на лекарката со смртта на новороденчињата кои, велат, биле со ниска гестациска возраст, односно предвремено родени или со претходно констатирани мултиоргански засегања и застој во растот.
Засега нема информации каква одлука ќе донесе директорката на „Гинекологија“, Викторија Јовановска, која согласно своите права може да го преиначи решението на дисциплинската комисија.







