Руското министерство за одбрана соопшти дека не знае ништо за помошта на американското воздухопловство, а која на конференцијата за новинари ја спомена американскиот претседател Донал Трамп кога зборуваше за ликвидацијата на лидерот на Исламска држава, Абу Бакр ал-Багдади.
„Не знаеме ништо за каква било помош на американски авиони да влезат во воздушниот простор на Идлиб заради извршување на воена операција“, изјави портпаролот на министерството, Игор Конашенков, пренесе Тасс.
Трамп на конференцијата за новинари, на која потврди дека е убиен Багдади, рече дека Русија им го отворила воздушниот простор кој го контролира над сириската територија.
Конашенков рече дека не се забележани воздушни напади на американската авијација или на коалицијата предводена од САД во Идлиб ниту денес ниту изминативе денови и дека уште еден каков било извештај за ликвидација на лидерот на ИД, би можел тешко да влијае на ситуацијата во Сирија.
„Откако Исламска држава е поразена од страна на силите на сириската влада и со поддршка на руските воени сили во почетокот на 2018 година, уште една смрт на Абу Бакр ал-Багдади нема да влијае на ситуацијата во Сирија ниту на акциите на терористите кои останаа во Идлиб“, потенцираше генералот Конашенков.







