Постигнатиот конечен Договор за спорот со Грција е патриотски чин преку кој се затвора 25 годишно прашање, се обезбедува иднината на Македонија како полноправна членка на ЕУ и НАТО и се зајакнува македонскиот идентитет, пишува СДСМ во соопштение.
„Со Договорот отстранета е последната пречка за евроинтегративниот процес. По години изолација, Македонија повторно е на патот кон ЕУ и НАТО. Датумот за почеток на преговори со ЕУ е дефиниран, а обезбедена е и покана за влез во НАТО.
На референдумот на 30 септември, граѓаните ќе го кажат последниот збор за иднината на Македонија во ЕУ и НАТО. Граѓаните се носители на суверентитетот, тие избираат на избори и на референдум, а нивната волја е неприкосновена и обврзувачка за сите”, се вели во партиското соопштение.
Според партијата, граѓаните ја препознаваат историската важност на референдумот, знаат дека Договорот за спорот со Грција е историски најдобра и фер шанса за еднаш засекогаш да се обезбеди македонската иднина, еднаш за секогаш да се обезбеди и гарантира македонскиот идентитет и македонската посебност.







