Неверојатни вести се појавија пред почетокот на Светското првенство. Имено, владее голема тензија затоа што се појавија обвинувања дека натпреварот меѓу Катар и Еквадор, на отварањето на Мундијалот е наместен.
Познатиот новинар Ахџад Таха, кој работи за британската „Ај-Ти-Ви“ (ITV) и e регионален директор на „Британскиот центар за Блискиот Исток“, тврди дека домаќинот на најголемата спортска смотра поткупил осум јужноамерикански фудбалери за да го загубат натпреварот.
Наводно, дале 7.400.000 долари за играчите на Еквадор да загубат со 1:0 и тоа со гол во второто полувреме!
За сето ова на прес конференција беше прашан селекторот на Катар, Феликс Санчез. Секако, шпанскиот стручњак остро демантираше се.
„Кружат многу дезинформации. Интернетот е брилијантна алатка, но може да биде и опасна. Се подготвуваме и тренираме со години. Обединети сме, силни сме, никој не може да не дестабилизира. Не сме засегнати од овие критики“, рече Санчез.
Да потсетиме, натпреварот меѓу Катар и Еквадор се игра денеска од 17 часот и со тој дуел ќе започне Светското првенство.







