„Процесот на ревизија на ЕУ постои, и доколку се дадат позитивни точки до мај, и од ваша и од наша страна, ќе има добри вести“, изјави денеска во македонското Собрание францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.
Запрашан дали е оптимист дека до мај земјата може да ја заврши домашната задача за да добие зелено светло за преговори со ЕУ, амбасадорот Тимоние рече дека најпрво треба да се организираат добри избори и избирачкиот процес да биде зајакнат. Со тоа, истакна тој, ќе се испорача добра слика за Северна Македонија дека е демократска земја и дека ги исполнува сите Копенхашки критериуми.
„Овој собраниски состав би требало да го заврши својот законодавен циклус со усвојувањето закон што ќе спречи секаков вид насилство врз жените. Тоа би било убав гест. Потоа ќе им остане на големите политички партии да се договорат за начинот на организирањето на изборите, за поуспешна борба против корупцијата и за поеднакво судство кое успешно ќе се справува со корупцијата“, посочи Тимоние.
„Знам дека тоа е долг пат, но ние сме на ваша страна да ви помогнеме во тоа“, кажа Тимоние пред одржувањето на панел-дискусијата по повод одбележувањето на 70- годишнината на Советот на Европа посветена на подобрување на пристапот до обесштетување на жртвите за трговија со луѓе и родово базирано насилство.
(ИЗВОР: МИА)







