Самитот во Подгорица го потврди традиционалното пријателство помеѓу двете држави и отвори перспективи за надоградување на билатералната соработка и заедничко дејствување на регионален план, е заедничка оценка на премиерот Зоран Заев и црногорскиот амбасадор Предраг Митровиќ на нивната денешна средба во Скопје.
Заев, информираат од неговиот кабинет, на средбата соопштил дека македонската влада ја поставила државата на евро-атланскиот пат и дека сега ги прави сите потребни чекори за реализација на овие две стратешки цели.
„Членството на Црна Гора во НАТО и напредокот на државата кон ЕУ е импулс што мотивира. Очекувам Република Македонија да биде следната 30та членка на НАТО. Се надевам дека во брзо време ќе ја добиеме поканата за НАТО. Исто така владата води реформски процес што очекувам да ги забрза и европските интеграции и Македонија конечно да добие датум за ЕУ“ истакнал Заев.
На состанокот, исто така, било констатирано дека промените во Македонија отвориле можности за напредок на државата на меѓународен план, за продлабочување на соработката со Црна Гора и со другите држави на регионален план, како и за економски развој што ќе го олесни животот на граѓаните во државава и ќе придонесе кон квалитетен животен стандард.
Заев и Митровиќ на средбата, меѓу другото, разговарале за унапредување на соработката помеѓу Македонија и Црна Гора на полето на економијата, туризмот, земјоделството, за можноста за отворање авиолинија и за поедноставување на административните бариери.







