Културно-уметничка манифестација во пресрет на 21 септември Меѓународен ден на мирот, се одржа денеска во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово, на која
учествуваа основци и деца од градинките кои упатија пораки за мир.
Присутните имаа можност да ги разгледаат и делата креирани од учениците на тема „Мир и слобода“, да проследат настапи на талентирани ученици за пеење и танц, а симболично во дворот на установата беа пуштени и гулаби како симболи на мирот.
„Настанот го организира општина Куманово, која е членка на Меѓународната асоцијација, Градови носители на порака на мирот и преку денешниот хепенинг испративме уште една порака за одржување на мирот. Врската помеѓу младоста и старите лица е симболична, она што претходните генерации го дале за зачувување на мирот сега треба да го продолжи и младата популација“-изјави директорот на домот за стари лица, Дејан Стојановски.
Куманово е членка на асоцијацијата на Градови носители на порака на мирот од 2009 година.
Во 2015-та година, градот беше домаќин на годишното собрание на асоцијацијата, токму во годината кога се случија настаните во Диво Насеље и во екот на бегалско-мигрантската криза.







