Со сведочењето на 78-годишниот холивудски магнат, Арнон Милчан, започна судењето за корупција на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Судскиот процес се одржува во Ерусалим, но сведочењето на Милчан по барање на обвинителството се случи во англиското летувалиште Брајтон, и од таму беше емитувано во живо во судницата.
Се очекува дека сведочењето ќе трае неколку дена.
Обвинителите тврдат дека Нетанјаху нелегално примил подароци во вредност од речиси 700.000 шекели (околу 177.000 евра) од сведокот Милчан и од австралиски милијардер, а во обвинението таа постапка е опишана како „линија за снабдување“ со шампањ и цигари.
Премиерот негира каква било вина за тоа и за уште двете точки од обвинението во истиот процес.
Нетанјахуа е обвинет дека помогнал на деловните интереси на Милчан и за статусот на неговата виза за САД.
Премиерот рече дека давањето подароци меѓу пријателите е нормално, а своето судење го нарече „политички лов на вештерки“.
Милчан наведе дека нивната врска се заснова и на патриотски основи.
„Не можам да ви кажам колку работи Биби (прекарот на Нетанјаху) и јас направивме во тајност за земјата“, изјави тој во своето сведочење.
Кога премиерот пристигна во судницата во Ерусалим, Милчан му рече: „Шалом, Биби!“.
Истрагите против Нетанјаху, сега во рекордниот шести премиерски мандат, започнаа во 2016 година и покренаа низа години политички превирања во Израел.
После повеќе избори без победник и 18 месеци во опозиција, Нетанјаху се врати на власт во декември на чело на владата, која е опишана како најдесна во историјата на Израел.
Нетанјаху негираше каква било врска помеѓу своето судење и реформата на правосудниот систем, која ја бара неговата коалиција, што предизвика силно спротивставување на опозицијата.
Обвинет е за подмитување, измама и злоупотреба на позицијата заради, наводно, давање регулаторни услуги на деловни луѓе во замена за позитивно медиумско известување.







