Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска го посети Радовиш, каде се сретна со градоначалникот, и со граѓаните на општината.
„Задоволство ми е што денеска и од Радовиш можам да ја испратам пораката за обединување и пораката за вистинска одлука на 30 септември. Нашата татковина Македонија помина низ убави, но и низ многу тешки моменти. Се мачевме заедно, стравуваме, видовме што значи да си сам и оставен од останатите. Видовме што значи да државата да биде изолирана и да нема перспектива и за тоа плативме голема цена“, рече министерката.
Сега ја добиваме шансата да го надоместиме пропуштеното, ја добиваме шансата Македонија да стане членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ. Ја добиваме шансата да бидеме дел од двата најмоќни и најуспешни сојузи, рече министерката, и дополни дека Македонија секој ден добива околу 260 илјади евра неповратни средства од Унијата, но и дека како членка Македонија многу повеќе европски пари ќе може да искористи за улици, за бизниси, за подобро образование, за подобра социјална заштита.
„Она што го направивме во изминатиот период е фокус на домашните реформи, но и решавање на сите билатерални проблеми со соседите. Договорот со Грција ни дава шанса на европско и светско ниво да го заштитиме нашиот македонски идентитет и да го заштитиме, потврдиме, засилиме нашиот македонски јазик“, истакна министерката.
Шекеринска рече дека со членството во НАТО и ЕУ, македонскиот јазик ќе биде рамо до рамо со најголемите, најважните, најчесто користените јазици како официјален јазик на Европската Унија.
Министерката ги повика граѓаните да излезат на референдумот зашто токму тие ќе ја носат одлуката за иднината на државата.







