Австрискиот канцелар оди кај Путин, Украинците бесни

LinkSense.mk

Австрискиот канцелар Карл Нехамер в понеделник ќе отпатува за Русија за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, изјави денеска портпаролот на австриската влада.

Така, тој ќе биде првиот европски лидер што ќе се сретне со Путин во Москва од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари.

Канцеларот Нехамер оди за да поттикне дијалог“, рече портпаролот.

Меѓутоа, според информациите на „Билд, во украинската влада на потегот на Нехамер не гледаат благонаклонето. Во Киев, се наведува во текстот, биле огорчени и австрискиот канцелар го прозиваат дека „арогантно си замислува дека може да направи нешто“, иако, како што велат, во Буча и сам можел да се увери за какви брутални воени злосторства е одговорен Путин.

Билд цитира и неименуван дипломатски извор во Европската унија: „Па, мене ова ми личи на негово ПР шоу“.

Од друга страна, „Клајне цајтунг“ пишува дека мисијата на Нехамер во Москва не била договорена само со Фон дер Лајен и Шолц, туку и со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и другите лидери, и дека Володимир Зеленски бил информиран за се. Според овој весник, на патувањето се спротивставиле само владите на Полска и балтичките држави.

Австрискиот канцелар вчера ја посети Украина за да изрази поддршка за украинската влада и се сретна со Зеленски.

По пристигнување во таа земја, тој им рече на новинарите дека злосторствата во Буча мора целосно да бидат истражени од независни меѓународни експерти.

Австрија, која не е членка на НАТО, досега, меѓу другото, на Украина и испратила 10.000 шлемови и 9.000 одбранбени елеци за цивилните потреби.

Истовремено, како и Германија, таа е една од земјите-членки на Европската унија која досега го отфрли барањето на Зеленски за забрана на увоз на руски гас. Австрија, 80 отсто од гасот, го набавува од Русија.

Виена, по извесно двоумење, протера четворица руски дипломати оваа недела, по примерот на другите членки на Унијата.

Речиси 4,5 милиони од околу 44 милиони Украинци ја напуштија својата татковина од почетокот на војната. Околу 51.000 бегалци, досега се пријавени во Австрија, главно жени и деца.

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)