Акциите на „Интел“ и „Тесла“ го раздвижија Вол стрит

Главните индекси на њујоршката берза С&П 500 и Дау Џонс пораснаа денеска поттикнати од добивките од акциите на финансиските и енергетските компании, како и јакнењето на акциите на Интел.

На претпладневното тргување во 10.12 часот по источноамериканско време, индустрискиот индекс Дау Џонс порасна за 303,91 поени или 0,94 отсто, на 32.727,06 поени, а С&П 500 напредувал за 18,78 поени или 0,48 проценти, на 3.929,30 поени, јави Ројтерс.

Технолошкиот индекс Насдак ослабе за 27,73 поени или 0,21 отсто, на 13.199,97 поени.

Акциите на корпорацијата Интел бележат раст од 1,5 отсто, откако компанијата најави вложување од 20 милијарди долари во изградба на две фабрики за производство на електронски делови во Аризона.

Истовремено, акциите на противничкиот гигант Тајван Семикондактор паднаа за 4,0 проценти, додека производителите на опрема за полупроводници Леми Рисерч, Аплајд Матиријалс и АСМЛ Холдинг зајакнаа меѓу 2,7 и 6,5 проценти.

Скок на вредноста од 3.0 отсто бележат и акциите на енергетските компании, под влијание на заздравувањето на цената на нафтата после падот „тежок“ 6 проценти на вчерашната трговска сесија.

Акциите на Фејсбук, Епл, Мајкрософт и Амазон се моментно во минус од 0,6 отсто.

Биткоинот зајакна за 5,0 проценти, откако чефот на „Тесла“, Илон Маск, објави на Твитер дека електричните возила на оваа компанија сега можат да се купат и во САД и за биткоини, и дека таа опција на плаќање ќе биде овозможена и во други држави во втората половина од оваа година.