Американската крајбрежна стража отвори истрага за причините за подводната катастрофа на „Титан“.
Главниот истражител Џејсон Нојбаер рече дека негов приоритет е да ги извади остатоците од подморницата и најави дека ќе бидат преземени одредени мерки во случај да бидат пронајдени телата на луѓето кои загинале во подморницата.
На прес-конференцијата тој рече и дека истрагата ќе доведе до одредени сознанија и можни обвиненија.
Нојбаер истакна дека американската крајбрежна стража спроведува истрага на највисоко ниво. Таа, вели, ќе се обиде да ја утврди причината за катастрофата. Се надева дека резултатите што ќе се добијат ќе дадат препораки за да се спречат идни трагедии.
Испитувањата за трагедијата ќе се спроведуваат заедно со канадските, британските и француските власти.
Истрагата моментално е во почетна фаза, а напорите за лоцирање на остатоците од подморницата се во тек.
Досега, пет големи парчиња се пронајдени на 3.800 метри во големо поле со отпад, во близина на остатоците од Титаник, на дното на Атлантскиот Океан.
Нојбаер, исто така, истакна дека истражителите ќе преземат „секакви мерки на претпазливост“ доколку откријат човечки останки при истрагата.
Тој потврди дека истрагата може да доведе до построги прописи и безбедносни препораки за подморниците, но не може да потврди колку време ќе биде потребно за да се заврши.
„Ние спроведуваме дисциплинирани операции со оправдан ризик за да ги ставиме на ризик нашите ресурси и животи за да спасиме други. Ова сме ние“, била пораката на Нојбаер, пренесува Кликс.
(Фото: ЕПА-ЕФЕ)