Невреме со силен ветер и врнежи од дожд се очекува во текот на ноќта и утрешното претпладне, предупредуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Под влијание на јужно воздушно струење, ветерот од југозападен правец на одредени места ќе биде силен, со повремени налети над 80 километри на час.
Метеоролозите најавуваат и врнежи од дожд во текот на ноќта и утрешните утрински часови, кои ќе бидат пообилни во западните делови од земјата. Таму се очекува да наврнат над 15 литри дожд на квадратен метар.
Во Скопје ќе дува умерен до засилен ветер од променлив правец, а температурите ќе бидат значително повисоки од просекот за овој период од годината. Повремен дожд се очекува во вечерните часови и во текот на ноќта.
Од УХМР посочуваат дека граѓаните треба да ги следат временските услови, особено поради можните силни налети на ветер.







