Американски експерти ја бранат Црна Гора од сајбер напади

Дејвид Лубер, извршниот директор на американската Сајбер команда, чии членови престојуваат во Црна Гора и истражуваат хибридни закани, вели дека, работејќи со партнерски земји, добиваат важни информации кои им помагаат да го заштитат американскиот сајбер простор.

„Низ случаите кога одбрамбените сајбер екипи на Сајбер командата се повикани да помогнат во одбрана на мрежата на други земји, како на пример Црна Гора, командата научи многу за злонамерниот софтвер. Не повикаа да соработуваме со нив во нивните мрежи во одбрамбена улога и стекнавме неверојатни увиди во напредни закани и злонамерни софтвери и бевме во можност тоа да го покажеме на остатокот од светот“, објасни Лубер.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео, неодамна, при посетата на Црна Гора рече дека благодарение на директната соработка со таа земја во областа на сајбер безбедноста е развиена заштита од руски хакери која, како што наведе, „сега штити милијарди уреди ширум светот“, информираше весникот „Побједа“.

Лубер објасни дека екипите на Сајбер командата. Низ соработката со Црна Гора и другите партнерски земји, имаат прилика да дијагностицираат што работат нивните противници во сајбер просторот.

„Според законот за национална одбрана од 2019 година, имаме овластување да дејствуваме надвор од мрежата на Министерството за одбрана за да им помогнеме на нашите сојузници за да можат однапред да се одбранат, или да му се доближат на противникот што е можно повеќе, за да ги согледаме нивните планови, за да видиме што планираат. Забележуваме некои многу интересни злонамерни софтвери и други активности кога вршиме некои од овие одбрамбени мисии“, вели американскиот генерал.

Елитната екипа од американски сајбер експерти престојува во Црна Гора и со црногорските колеги работи на спротивставување на злонамерни сајбер актери на клучните мрежи и платформи.

Тоа неодамна беше соопштено од американската амбасада во Црна Гора, без наведување на повеќе информации за какви точно екипи станува збор.

Американскиот специјализиран безбедносен портал „Сајберскоп“ во својата анализа откри нови детали, наведувајќи дека се работи за мисија под името „Хант Форвард“ и дека операциите се релативно нови за американската Сајбер команда.

Оваа мисија, како што се наведува, обично испраќа меѓу пет и 30 членови од американската служба, кои ловат злонамерни софтвери.