Апелација ќе одлучува за притворот на Кочан

Апелацискиот суд денес ќе ја разгледува жалбата на одбраната на Сеад Кочан, осомничен во предметот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство. Жалбата се однесува на одредената мерка притвор.

Кочан во моментов е во бегство и против него е распишана потерница,

По барање на една од странките, седницата ќе биде јавна.

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје, и покрај поднесената Ургенција од одбраната, не го достави предметот на осомничениот Сеад Кочан на одлучување до Апелацискиот суд Скопје по жалбата на одбраната против Решението за определување мерка притвор, со што беше оневозможено Апелацискиот суд да донесе одлука по жалбата на одбраната, изјави во неделата адвокатот на Кочан, Никола Додевски.

„Со оглед дека преклузивниот рок во кој Апелацискиот суд беше должен да донесе одлука, истече во 17:20 часот, одбраната веднаш поднесе Барање до Кривичниот совет да донесе решение со кое ќе се стави вон сила Решението за одредување мерка притвор, ќе се укине притворот на осомничениот Сеад Кочан и ќе се прекинат сите дејства преземени од МВР Скопје. Сето ова поради фактот дека Решението не може да произведува правно дејство кога е изминат рокот за донесување одлука по жалбата, а во кој рок предметот не е ниту доставен до Апелацискиот суд“, рече Додевски.