На подрачјето на Белград уапсени се шест лица кои се сомнева дека пари стекнати од грабежи во странство, меѓу другите во домовите на фудбалерот Френк Лампард и богатата наследничка Тамара Еклстоун, вложувале во недвижен имот со што учествувале во перење пари, пренесува „Блиц“.
Припадниците на Јавното обвинителство во соработка со Службата за борба против организираниот криминал и полицијата на Велика Британија ги уапсиле Ј.Р., М.Р., Е.Р., И.Р., Л.Р. и М.Н., додека двајца осомничени во моментов се недостапни за полицијата и се надвор од територијата на Србија.
Организираната криминална група била активна во периодот од 2 февруари 2018 година до 15 декември годинава.
Од полицијата појаснуваат дека се сомневаат дека осомничените Р.К.Р во Швајцарија и Љ. Р. во Велика Британија провалувале во голем број објекти во тие две земји кои биле во сопственост на богати луѓе. Краделе пари и други скапоцени работи.
Против осомничениот Љ.Р. во Велика Британија се води кривична постапка заради постоење сомнение дека украл вкупно 26 милиони британски фунти (30 милиони евра) и со тоа го оштетил Френк Лампард, поранешен англиски репрезентативец, потоа покојниот Вичаи Шривадханапраба, поранешниот сопственик на фудбалскиот клуб Лестер, и Тамара Еклстон, ќерката на поранешниот сопственик на Формула 1, Берни Еклстон, и нејзиниот сопруг Џеј Рутланд, додека осомничениот Р.К.Р. е осуден во Швајцарија за сторени неколку провални кражби од кои прибавил финансиска корист во изност од околу 250 илјади швајцарски франци (264.000 евра).
Љ.Р. и Р.К.Р се сомничат дека украдените пари им ги давале на останатите членови на организираната криминална група кои потоа парите ги вложувале во набавка на скап недвижен имот во Србија, како и за луксузни патнички возила.
Во тек се претреси на повеќе локации на територијата на Србија.
Јавното обвинителство за организиран криминал веднаш блокирало сметки и запечатило имоти за кои се смета дека се стекнати со криминални активности, но и скапи возила.
На осомничените им е одредена мерка притвор.
(Фото: АФП)