АПСОЛУТНА ЗАСТАРЕНОСТ: Кривичен го ослободи Даравелски

LinkSense.mk

Кривичниот суд во Скопје денеска донесе решение со кое го запре прогонот за поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски.

Нему, се наведува во одлуката, не може да му се суди одново бидејќи има апсолутна застареност на делото што го сторил, злоупотреба на службена положба и овластување, за што беше осуден на седум години затвор.

По барање за повторување на постапката против Даравелски, доставено од негов адвокат на 10 јануари оваа година, судот одлучи процесот да почне одново. Истото решение беше потврдено и од Апелациониот суд.

Денеска судиите утврдија дека во конркетниот случај настапила апсолутната застареност на 1 декември лани 2022 и на странките им посочија дека против ова неправосилно решение можат да се жалат до „скопска Апелација“.

Даравелски се гонеше за злоупотреба на службената положба и овластување, дело што го сторил од 1999 до 2002 година. Тој 20 години помина во бегство. Во Србија доби и српско државјанство.

Против него имаше меѓународна потерница, но таа никогаш не се реализира.

Во јануари оваа година беше уапсен на „Табановце“. Од таму беше спроведен во затворот „Идризово, од каде што беше пуштен пред околу еден месец, веднаш по одлуката на Кривичниот суд дека постапката против него ќе се повтори.