Арсовска оствари средба со Здружението на глуви и наглуви лица на град Скопје

LinkSense.mk

– Реализацијата на проекти за вработување на лица со оштетен слух, ангажирање на повеќе образовни асистенти за глуви деца во образовниот процес, овозможување простор и термини за спортски активности, се дел од барањата истакнати на денешната средба на претставници на Здружението на глуви и наглуви лица со градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска.

Како што информираат од Град Скопје, на средбата Арсовска потенцирала дека посветено ќе се работи на инклузија на лицата со попречености за остварување на нивните права, како еден од приоритетните проекти во нејзиниот мандат.

– Град Скопје веќе ја започна имплементацијата на дел од проектните активности кои ги вклучуваат овие лица од нашиот град. Најголем дел од нивните барања се дел од програмата на Град Скопје и мои лични заложби, со цел заеднички да направиме Скопје да биде град пристапен и достапен за сите граѓани. Скопје треба да биде град кој гарантира квалитетен живот за сите категории граѓани, вклучувајќи ги и лицата со оштетен слух, заклучи Арсовска.