Белгијците лути: Нашиот пораз е срам за фудбалот

LinkSense.mk

Златната белгиска репрезентација, како што ја нарекоа медиумите, не успеа да се позлати на Светското првенство во Русија, затоа што е запрена од Франција во полуфиналето (0:1).

Меѓутоа, не сите во редовите на „црвените ѓаволи“ спортски ја признаа заслужената победа на „триколорите“ на натпреварот во Санкт Петрбург.

„Срамно е за фудбалот што не победивме. Фрнацузите постигнаа гол после корнер, и ништо друго позначајно не направија, освен што се бранеа. Сите беа повлечени назад, а само Жиру и Гризман, цела средба ја „отседоа“ на некои 35 до 40 метри од нивниот гол. Тие едноставно се антифудбалска екипа. Полесно ќе ми беше да испадневме од Бразилците во четвртфиналето, тие барем сакаа да се надигруваат“, рече Тибо Куртоа, одличниот голман на Белгија.

Многу поумерен беше белгискиот селектор Роберто Мартинез. Нему тешко му паднало што Белгија нема да игра во финалето, меѓутоа, не ја кривеше за тоа тактиката на противникот.

„Го сонувавме финалето на Мундијалот, а сега мораме да се свртиме на средбата за третотот место. Разочарувањето е огромно, во соблекувалната владееше голема тага. Мораме што поскоро да го надминеме се ова и подготвени да ја дочекаме средбата со Англија во сабота. Би ни значела победата, затоа што Белгија никогаш не била трета во светот“, вели Мартинез.

Најдобриот фудбалер на Белгија, Кевин Де Брујне, факт е, токму против Франција го одигра својот најлош меч на ова Светско првенство, а потполно потфрли и голгетерот на екипата Ромелу Лукаку, што можеби е главната причина за поразот.

Еден Азар најмногу се трудеше, имаше многу успешни продори и проигрувања, меѓутоа без каков било ефект, па уште еднаш се покажа дека завршницата е неговата голема болка.

„Црвените ѓаволи“ најголемиот успех го постигнаа на Мундијалот во 1986 година кога дресот на репрезентацијата го носеа Енцо Шифо, Јан Кулеманс, Ерик Геретс, Жан Мари Пфаф… Тогаш се бореа за трето место и загубија исто така од Франција, после продолжетоци со 2:4. Во регуларниот дел, после 90 минути игра, натпреварот заврши 2:2.

Избраниците на Мартинез сега, после 32 години, имаат шанса да ги поместат границите.