Во пукотницата во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград се ранети 15 лица, а според неофицијални информации досега загинале вкупно девет. Меѓу повредените има деца чии животи сеуште се во опасност.
Седмоодделенецот Коста К. кој го изврши масакрот прво пукал во чуварот, а потоа и во ученици кои биле во ходникот и наставничката по историја. Уапсен е при обид да избега, близу училиштето.

Се претпоставува дека четиринаесетгодишниот Коста бил под дејство на наркотици.
Инаку, тој е примерен ученик и како што пренесуваат медиумите е дете на здравствени работници.
Ученици велат дека мотивот за злосторството најверојатно е единицата што Коста ја добил по историја, по што тој „полудел“.
Повеќе пати учествувал на натпревари по математика и добивал пофалби, а лани освоил трето место на општинскиот натпревар по историја.
Вчера бил на роденденска забава кај свој другар од училиштето и со ништо не давал знаци дека ќе го изврши ова монструозно дело. Се однесувал сосем вообичаено, односно нормално и кај него не приметиле ништо што би побудило сомнеж дека нешто не е во ред.
Утринава кога стигнал во школото, веднаш почнал да пука. Настанал хаос. Учениците од одделението скокале од прозорците за да се спасат.

Потресни се глетките пред основното училиште на Врачар. Многу полиција и медицински екипи кои укажуваат помош на повредени, очајни и загрижени родители во солзи… Владее хаос, паника и потполно неверување.









