Бензинот поскапува за половина, дизелот за 1,5 денари

Бензините од ноќеска на полноќ поскапуваат за половина денар, а цената на дизел горивата се зголемува за 1,5 денари по литар, одлучи денеска Регуаторната комисија за енергетика.

Со одлуката се врши зголемување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,58, односно за 2,25 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 67, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 69,00 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V)  ќе се продава за 54, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 42,5 денари за литар.

За 0,794 денари за килограм се зголемува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и сега таа ќе изнесува 28,292 денари.

Како причина за зголемувањето на малопродажните цени на нафтените деривати се посочуваат за 0,76 отсто повисоката просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 1,87 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.