Бојан Јовановски: „Меѓународен сојуз“ како невладина организација не доби ниту еден денар државни пари

LinkSense.mk

Првообвинетиот во случајот „Меѓународен сојуз“, Бојан Јовановски – Боки 13, денеска во Основниот кривичен суд – Скопје во завршните зборови рече дека е горд што бил претседател на невладината организација „Меѓународен сојуз”, која, како што нагласи, не добила ниту еден денар државни пари, туку финансирањето било од бизнис секторот.

Јовановски изјави дека е горд на два потпишани договори, кои, според него, се општествено корисни и од капитално значење за државата.

„Поддршката од Владата, од Зоран Заев како премиер, ја имав од првиот ден на формирањето на „Меѓународен сојуз“. Дека Зоран Заев бил информиран и дека знаел за активностите и проектот е неспорен факт. Во судот беа спомнувани 719.350 илјади евра и други цифри, а никаде не видовме некаков доказ, истакна Јовановски.

Идејата за изградба на старечки дом, како што рече тој, ја добил во разговор со бизнисменот Силјан Мицевски.

„Во Скопје, Охрид и Гевгелија или Дорјан. Тие беа трите точки каде требаше да се изградат старечките домови. Проектот беше по мотив, волја, желба на бизнисменот Мицевски. И тоа на негово земјиште во Битола, за кое беа платени комуналии за зграда. Сакаше таму да гради, рече Јовановски.

Во завршните зборови Јовановски посочи дека од бизисменот Адријан Амзоски примил 350 илјади евра во готовина и дека за тоа не знаеле Фросина Ременски и Јасна Мандиќ – Ерцеговиќ, туку дека со тоа биле запознати Зоран Заев, Александар Кирацовски и Стефан Богоев.

Судијката Софче Гаврилова – Ефремова неколку пати го предупреди Јовановски да се придржува на завршните зборови кои се однесуваат на изнесените докази и, како што рече, ова е последен пат да го предупредува.

Јовановски возврати дека се надева оти овие прекорувања од судијката се уште само денеска и ја замоли „да го изржи уште денес“.

Првото рочиште за овој предмет се одржа на 1 јули 2020 година. Судењето за случајот го води судијката Софче Гаврилова – Ефремова, а застапник на денешното рочиште на Основното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е јавниот обвинител Трајче Пеливанов.

Според обвинителниот акт, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Адријан Амзоски дека ќе учествуваат во проект преку „Меѓународниот сојуз“ на Бојан Јовановски – Боки 13 и ги оштетиле со повеќе илјади евра.

Првообвинет во овој предмет е Бојан Јовановски – Боки 13, кој според обвинителниот акт е обвинет за кривичните дела „измама и перење пари”.

Обвинети во овој случај се и поранешната пратеничка од редовите на СДСМ Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на првообвинетиот Бојан Јовановски, и Јасна Мандиќ – Ерцеговиќ. Обвинетата Ременски се товари за кривично дело „помагање во делото измама”, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари”, а Миле Јовановски се товари за „помагање во перењето пари” и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје”. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз”.