ВМРО-ДПМНЕ: Во ЕУ не се оди со рекет и криминал

„Македонија нема датум затоа што во Европската унија не сакаат да си имаат работа со криминалците од ДУИ и СДСМ“, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата велат дека Македонија е на 111 место на листата на Транспаренси и дека Заев ја „бетонирал“ државата на врвот на криминалот и корумпираноста.

„Во ЕУ не се оди со рекет и криминал. Во ЕУ не сакаат премиер на држава кој е аболициран за криминал, и чиј брат се спомнува како лице кое барало рекет од фирми кои вршат работи добиени на тендер. Во ЕУ не се оди со нерасчистени случаи за криминал како случајот со Ден Дончев, кој сите го видовме како трпа туце пари во торба, ниту пак за Заеви, кои беа посочени дека кај нив завршиле парите од аферата Рекет, и тоа лично од човекот кој ја носеше торбата полна милиони. Во ЕУ не поминува ‘зелената агенда’ која ги труе граѓаните во градовите каде токму тие ‘зелени’ се власт. Кичево, Тетово, Струга и други тонат во смет. А тендерите врват“, стои во денешното партиско соопштение лиферувано до јавноста.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека Заев не може да ја однесе Македонија во Европската унија, затоа што, како што велат, Заев е политичар потонат во криминал и корупција.

„Заев мора да си оди, за Македонија да тргне напред. Да ставиме крај на поделбите на Заев и СДСМ, на граѓани од прв и втор ред. Македонија за сите луѓе!“, се наведува на крајот на соопштението.