Украинските противвоздушни сили возвратија со оган на нападите на руските беспилотни летала за време на тричасовната воздушна тревога во и околу Киев, денеска в зори, соопшти украинската војска.
„Ројтерс“ наведува дека во Киев и околината, се слушнале неколку експлозии, но дека се уште не се знае дали има жртви.
Во еден извештај на војската се наведува дека цели во воздухот биле соборени, но не се наведени детали.
Воените власти на Киев ја укинаа тревогата нешто после четири часот по локално време. Тревогите се укинати и во повеќето други области на земјата.
Според изјавите на украинските власти поврзани со последните денови од војната, руските сили не напредувале долж линијата на фронтот, туку се вкопани во тешко минирани подрачја што ги контролираат, што го отежнува движењето на украинските трупи на исток и на југ.
Голем дел од руската воена активност е насочена кон воздушните напади кои, на пример, ја оштетија инфраструктурата во украинското пристаниште Измаил.
Инаку, украинските сили започнаа масовни напади во јуни со цел повторно да ги заземат окупираните територии и да извршат притисок кон југ, кон Азовското Море, односно со цел да го пресечат копнениот мост меѓу окупираната источна Украина и полуостровот Крим.
(Фото: Илустрација / Шутерсток.ком-Мајк Марин)







