Во Велес хуманитарна акција за семејствотo Јованови

LinkSense.mk

Членовите на „Алфа Ромео Клуб“ од Велес попладнево на паркингот пред маркетот на „Кит – Го“ поранешеn „Туш“ изведоа хуманитарна акција за помош во парични средства, храна и облека на семејството Јованови, мајката Анѓелина и синот Јован кои
живеат во мизерни субстандардни услови во мала трошна куќа на Камено Брдо во Велес.

Како што информира за МИА, Димче Димов иницијатор на акцијата, а за која информирале преку социјалните мрежи, вечерва по нејзиното завршување, неколку членови од ова здружение ги посетиле во домот семејството Јованови и им предале десетина кеси со прехранбени артикли, облека и 5200 денари, кои во кутија ги собрале од хумани граѓани, а и самите се вклучиле со донации.

Како што потенцира Димов, целта им била да ја потткнат хуманоста на дело кај своите сограѓани да им кажат дека не се заборавени кога им е најтешко. Тие воедно најавија дека ваквите хуманитарни акции ќе  продолжат и во наредните денови.

По тажната тв сторија за семејството Јованови во понеделникот, изминатава недела повеќе граѓани се организирале за помош преку фирми и здруженија, како и индивидуално, и им однеле разновидна хуманитарна помош.

Невладината организација „Св. Спас и Отец Оливер“ најавува дека ќе ја реновираат запуштената куќа на Јованови. Други невладини организации и поединци им донираа храна, облека, хигиенски средства.

Претставници на Општинскиот Црвен крст ги посетија неделава им им донираа облека и се договорија за понатамошна помош.

Семејството мајка и син засега примаат само социјална помош од 11.600 денари преку Центарот за социјална работа кој ги снабди и со огревни дрва и воедно ги упати на добивање друг вид социјална помош.

Оттаму информираат дека во соработка со надлежните од Општина Велес се во разговори на семејството да им се овозможат подобри услови за живеење.