Во Куманово почна масовната вакцинација

Почна масовната вакцинација во училишната спортска сала на средното училиште „Перо Наков“ во населбата Бедиње во Куманово. Вакцинацијата се спроведува непречено, оценија надлежните од Здравствен Дом Куманово. Поголем број од оние
кои примија вакцина се повозрасни граѓани, не само од Куманово, туку и од останатите пет општини од североисточниот регион (Липково, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Кратово и Ранковце).

Вакцинацијата се спроведува со кинеската Синофарм вакцина.

Здравствениот дом вчера добил 4.200 вакцини. Дневно во просек е планирано да се вакцинираат по 1 000 лица. Во спортската сала има 15 пункта и вкупно 15 доктори и 30 медицински сестри за две смени.

Претходните десет дена интензивно се подготвувавме за да почне масовната вакцинација. Доаѓаат оние кои се пријавени преку закажаните термини. Верувам дека вакцинацијата ќе се спроведува редовно и за повозрасните, но и за други лица има лекари, стоматолози кои не се вакцинирани кои побараа термини, изјави директорот на Здравствен Дом Куманово, Фарук Алили.

Поголем дел од закажаните за вакцинација доаѓаат навреме, но како што појасни докторка Снежана Јовановска, но има и дел од нив кои не се јавуваат на терминот, поради што имаат потреба од придружник, членови на семејствата.

Синофарм е класична вакцина, не дава поствакцинални реакции, се дава во две дози на растојание од 21 ден-изјави Јовановска.

Според пуштените термини овие денови се вакцинираат повозрасните граѓани над 80 години, но веќе кон крајот на неделата границата е спуштена за граѓани од 68, 69 години. Од Здравствениот дом очекуваат да се намали старосната граница и ќе имаат можност да се вакцинираат и помладите.

Екипи на Црвениот крст помагаат како логистика во масовната вакцинација.

Претходно вакцинацијата на повозрасните граѓани по закажани термини се спроведуваше во просториите на Здравствен Дом Куманово. Вкупно со Астра Зенека и Фајзер/Бионтек се вакцинираа 1 400 лица.