Во општина Гостивар сите училишта започна со работа, на прв час 660 првачиња

На почетокот на новата учебна година 2020/21 година во училишните клупи во десетте основни училишта и нивните подрачни единици во општина Гостивар дојдоа 660 првачиња.

Пред и во објектите се спроведуваа препорачаните мерки и протоколи за заштита од Ковид-19.

Училишните управи обезбедија безбеден тек на учебната година која започна во услови на пандемија за учениците од прво до трето одделение.

Според информациите од локалната самоуправа почеток на учебната година со физичко присуство има само во ОУ „Ѓон Бузуку“ во селото Србиново кое има уште четири подрачни училишта и ОУ „Лирија“ во Равен во чиј склоп работат училиштата во Вруток и Речане и двете подрачни училишта на ОУ „Единство“ во селата Лакавица и Беловиште.

Овие образовни институции добиле согласност за физичко присуство на наставата. Во останатите основни и средни училишта наставата ќе се изведува по интернет.

Во општина Гостивар во десетте основни училишта и четирите средни се запишани 8.635 ученици кои се распоредени во вкупно 610 паралелки.

Наставата се одвива на албански, македонски и турски јазик.

На првиот час за првачињата во ОУ „Единство“ присуствуваше и гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари кој на првчињата им посака успех во школувањето. Тој со неговите соработници посети и други училишта за да ги видат и реализираните инвстиции и какви се условите.

Во средното техничко училиште ја предаде во употреба и реновираната спортска сала.

– Во изминатиов период работевме посветено на обезбедување на достоинствени услови за децата и за непречен образовен процес. Нашата општина со гордост тоа можам да го кажам дека е најдобара што се однесува до просторните услови. Тоа нашите деца го заслужуваат и се надевам дека ќе бидеме за пример и во поширокиот регион, изјави Таравари.

Од локалнта самоуправа посочија дека во изминативе три години со сопствени средства и донации за реновирање и опремување вложени се над половина милион евра. За подобрување на условите во училиштата пред почетокот на оваа учебна година вложени се близу 150 илјади евра.